1Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата.
2Земјата беше безоблична и пуста; темнина лежеше над бездната, а Божјиот дух лебдеше над водите.
3Бог рече: „Нека биде светлина!“ И настана светлина.
4Бог виде дека светлината е добра и ја одвои светлината од темнината.
5Светлината Бог ја нарече ден, а темнината ја нарече ноќ. Настапи вечер, настапи утро: еден ден.
6Бог рече: „Нека има свод среде водите, за да ги одделува водите од водите!“
7Бог го направи сводот и ги одвои водите под сводот од водите над сводот. И така стана.
8Сводот Бог го нарече небо. Настапи вечер, настапи утро: втор ден.
9Бог рече: „Нека се соберат водите под небото на едно место и нека се појави копното!“ И така стана.
10Копното Бог го нарече земја, а собраните води ги нарече мориња. И Бог виде дека е добро.
11Бог рече: „Нека земјата пушти зеленило: растенија што даваат семе и плодни дрвја што раѓаат плод според својот вид, со семе во него, на земјата!“ И така стана.
12Земјата пушти зеленило: растенија што даваат семе според својот вид и дрвја што раѓаат плод со семе во него, според својот вид. И Бог виде дека е добро.
13Настапи вечер, настапи утро: трет ден.
14Бог рече: „Нека има светила на небесниот свод, за да го одделуваат денот од ноќта. Нека служат како знаци за определените времиња, за деновите и за годините.
15Нека светат на небесниот свод, за да ја осветлуваат земјата!“ И така стана.
16Бог ги направи двете големи светила: поголемото светило да владее со денот и помалото светило да владее со ноќта; ги направи и ѕвездите.
17Бог ги постави на небесниот свод, за да ја осветлуваат земјата,
18да владеат со денот и со ноќта и да ја одделуваат светлината од темнината. И Бог виде дека е добро.
19Настапи вечер, настапи утро: четврт ден.
20Бог рече: „Нека водите изобилуваат со живи суштества, а птиците нека летаат над земјата, пред небесниот свод!“
21Бог ги создаде големите морски суштества и сите живи суштества што се движат и со кои изобилуваат водите, според нивните видови, и секоја крилеста птица според нејзиниот вид. И Бог виде дека е добро.
22Бог ги благослови, велејќи: „Плодете се и множете се, наполнете ги водите во морињата, а птиците нека се множат на земјата!“
23Настапи вечер, настапи утро: петти ден.
24Бог рече: „Нека земјата изведе живи суштества според нивните видови: добиток, суштества што лазат и диви животни, секое според својот вид!“ И така стана.
25Бог ги направи дивите животни според нивните видови, добитокот според неговите видови и сите суштества што лазат по земјата според нивните видови. И Бог виде дека е добро.
26Бог рече: „Да создадеме човек според нашиот лик, сличен на нас. Нека владеат над рибите во морето, над птиците на небото, над добитокот, над целата земја и над секое суштество што лази по земјата!“
27И Бог го создаде човекот според својот лик; според Божјиот лик го создаде; машко и женско ги создаде.
28Бог ги благослови и им рече: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја. Владејте над рибите во морето, над птиците на небото и над секое живо суштество што се движи по земјата!“
29Бог рече: „Еве, ви ги давам сите растенија што даваат семе по целата земја и сите дрвја што раѓаат плод со семе во него. Тие нека ви бидат храна.
30А на сите животни на земјата, на сите птици на небото и на сѐ што се движи по земјата и има живот во себе, им го давам за храна сето зелено растителје.“ И така стана.
31Бог погледна сѐ што беше направил: ете, беше многу добро. Настапи вечер, настапи утро: шестиот ден.