PERISTERA PRESS

Библија на македонски јазик

Стар завет

Изреки 1

1Изреки на Соломон, син на Давид, цар на Израел.

2За да се стекнат мудрост и воспитание, да се разберат зборови полни со разум,

3да се прими воспитание што учи на разборитост, на праведност, правда и чесност,

4да им се даде проникливост на неискусните, а на млад човек знаење и промисленост.

Изреки 1:5
Изреки 1:5
Изреки 1:5
Изреки 1:5
Изреки 1:5

5И мудриот нека слуша за да научи повеќе, и разумниот нека се стекне со вештина да најде насока,

6за да разбере изрека и сликовит говор, зборови на мудреци и нивните гатанки.

7Стравот од ГОСПОД е почеток на знаењето. Безумните ги презираат мудроста и воспитанието.

8Синко, слушај ги советите со кои те воспитува татко ти, не ја отфрлај поуката на мајка ти.

9Тие се убав венец за твојата глава и ѓердан за твојот врат.

10Синко, ако грешници те мамат, не согласувај се.

11Ако ти речат: „Дојди со нас! Да демнеме за да пролееме крв, да му поставиме заседа на невин без причина.

12Како Шеол, живи ќе ги проголтаме, цели, како оние што слегуваат во јама.

13Ќе најдеме секакви скапоцености, со плен ќе си ги наполниме куќите.

14Фрли го својот жреб меѓу нас, едно ќесе ќе имаме сите!“ —

15синко, не оди со нив по тој пат. Држи ја ногата подалеку од нивната патека.

16Нивните нозе трчаат кон злото, брзаат да пролеат крв.

17Залудно е мрежата да се распнува пред очите на птицата.

18А тие ја демнат сопствената крв, на сопствениот живот му поставуваат заседа.

19Такви се патиштата на секој што граба нечесна добивка: таа му го одзема животот на оној што ја стекнува.

Изреки 1:20–23

20Мудроста вика гласно по улиците, го крева гласот по плоштадите.

21Над вревата на раскрсниците извикува, кај влезовите на градските порти ги кажува своите зборови:

22„До кога, неискусни, ќе си ја сакате наивноста? До кога на потсмевачите ќе им годи потсмевот и безумните ќе го мразат знаењето?

23Свртете се кон мене кога ве укорувам. Еве, ќе го излеам мојот дух пред вас, ќе ви ги откријам моите зборови.

24Ве викав, а вие одбивавте, ја пружав раката, а никој не слушаше.

25Ги занемаривте сите мои совети и не го сакавте мојот укор.

26Затоа и јас ќе се смеам на вашата несреќа, ќе се потсмевам кога ќе ве стигне ужасот,

27кога ужасот ќе ве нападне како невреме, а несреќата ќе надојде како виор, кога ќе ве стегнат неволја и мака.

28Тогаш ќе ме викаат, а јас нема да одговорам. Ревносно ќе ме бараат, но нема да ме најдат.

29Зашто го мразеа знаењето и не го избраа стравот од ГОСПОД.

30Не го посакаа мојот совет, го презреа секој мој укор.

31Затоа ќе јадат од плодот на својот пат и ќе се наситат од своите замисли.

32Неискусните ги убива тоа што свртуваат грб, а безумните ги погубува нивната безгрижност.

33Но кој ме слуша, ќе живее безбедно, ќе биде спокоен, без страв од несреќа.“