PERISTERA PRESS

Библија на македонски јазик

Стар завет

Песна над песните 1

1Песна над песните. Соломонова.

2Нека ме бакне со бакнежите на својата уста! Зашто послатки од вино се твоите милувања.

3Убаво мирисаат твоите масла, името ти е излеано мирисно масло. Затоа те љубат девојките.

Песна над песните 1:4–6

4Повлечи ме по себе! Да потрчаме! Царот ме внесе во своите одаи. Ќе ликуваме и ќе ти се радуваме, повеќе од вино ќе ги славиме твоите милувања. Со право те љубат.

5Црна сум и убава, ќерки ерусалимски, како шаторите на Кедар, како завесите на Соломон.

6Не загледувајте се во мене што сум поцрнета: сонцето ме испече. Синовите на мајка ми се разгневија на мене, ме поставија да ги чувам лозјата, а своето лозје не го чував.

Песна над песните 1:7–8

7Кажи ми, ти кого душата ми го љуби, каде го пасеш стадото, каде го одмораш напладне? Зошто да бидам како забулена жена крај стадата на твоите другари?

8Ако не знаеш, најубава меѓу жените, тргни по трагите на овците и паси ги своите јариња крај шаторите на овчарите.

9На мојата кобила меѓу колите на фараонот те споредувам, мила моја.

10Убави ти се образите со низите накит, убав ти е вратот со ѓерданите.

11Златни низи ќе ти направиме, со сребрени зрнца.

12Додека царот е на својата трпеза, мојот нард го пушта својот мирис.

13Саканиот ми е ќесенце смирна што ноќева меѓу моите гради.

14Саканиот ми е китка расцветана кана во лозјата на Ен-Геди.

15Убава си, мила моја, убава си! Очите ти се гулабици.

16Убав си, сакан мој, колку си мил! Зелена е и нашата постела.

17Кедри се гредите на нашата куќа, чемпреси ни се рожниците.